Како регион кој во последните години поминувал низ константни тешкотии и конфликти, Западниот Балкан е добро запознаен со транзицијата. Сега дојде време да се соочат со уште една транзиција: да не дозволат нивните региони да останат зависни од јаглен.
Најчесто, меѓународните финансиски институции го оценуваат напредокот на регионот согласно три вида на транзиција: пазарната економија, членството во Европската унија (ЕУ) и високиот стандард. Исполнувањето на едно од нив позитивно влијае на останатите.
Пред пет години Светската банка забележа дека првата од овие транзиции во Западниот Балкан се одвивала добро, но останатите две ги сметала за „предизвик“. Сепак, еве не во 2020-та година, каде веќе има прогрес кон членството во ЕУ: преговорите со Црна Гора и Србија продолжуваат и официјално конечно се отворени нови преговори со Албанија и Северна Македонија (да, исто така има и транзиција со ново име). Се појави и нов тип на транзиција – праведна транзиција.
Земјите од Западен Балкан, кои традиционално се потпираат на јагленот за производство на електрична и топлинска енергија, сега го следат развојот на енергетскиот сектор во Европската унија, како земји потписнички на Спогодбата за Енергетска заедница, како и преку нивните преговори за членство во ЕУ. И што гледаат? Следејќи ја амбицијата за декарбонизирана економија до 2050-та година и бројните ветувања на земјите да се ослободат од употребата на јаглен, земјите-членки на ЕУ се обидуваат да ја зачуваат економската стабилност на нивните региони каде се ископува јаглен, кои ќе бидат најпогодени од исфрлувањето на јагленот како енергенс (кое се очекува да биде најдоцна до 2040-та година).
Од овие причини, во 2017-та година Европската комисија ја основаше Платформата за транзиција на регионите за јаглен, чија цел беше промовирање на споделување на знаења и размена на искуства меѓу регионите за јаглен во Европската унија. Таа користи уникатен оддолу-нагоре пристап за праведната транзиција (граѓанските организации упорно притискаа за повеќе транспарентност и вклученост на локалните заедници од самиот старт), овозможувајќи им на регионите да ги идентификуваат и да одговорат на нивните специфични потреби и да обезбедат финансии за комплексните социо-економски предизвици што ги носи транзицијата кон економија со нула емисии.
Енергетската заедница ја искористи можноста да одржи чекор со иницијативата на Европската унија. Веќе во декември 2018-та година, Енергетската заедница зборуваше за создавање на слична Платформа за нејзините земји потписнички (земјите од Западен Балкан и Украина).
Настанот на COP24 „Префрлување кон економија со ниско ниво на јаглерод: Патеки на праведната транзиција во Енергетската заедница и пошироко“ во Катовице, Полска ја обележа заложбата на Секретаријатот на Енергетската заедница да ги вклучи сите релевантни засегнати страни и да обезбеди финансиски средства за овој процес во сите региони од Западен Балкан и Украина, кои се зависни од јаглен.
Во септември 2019-та година, за да започне одржлива економска и технолошка енергетска трансформација, Секретаријатот на Енергетската заедница организираше неколку настани со високи претставници од регионот. Политичката дискусија на високо ниво „Региони со јаглен во транзиција и Енергетската Заедница“, која собра 80 клучни засегнати страни во Натолин, Варшава, вклучувајќи министри и заменици министри, градоначалници, гувернери и други претставници на локалните власти од регионите со јаглен, индустријата, граѓански организации, социјални партнери и академската фела од Енергетската заедница и Европската унија, ја одбележа заложбата на Светската банка да ги насочи нејзините огромни ресурси кон иницијативата.
Во исто време, градоначалници на градови во региони зависни од јаглен од цела Европа се собираа да зборуваат со заеднички, силен јазик и да бараат од централните влади и институциите на Европската унија да бидат утврдени средствата и процесите за праведна транзиција.
41 градоначалник, од кои двајца од градовите од Западен Балкан, Плевља (Црна Гора) и Лукавац (Босна и Херцеговина), ја потпишаа Заедничката декларација на градоначалници за праведна транзиција. На овој начин, тие се обврзаа да продолжат со постапката за праведна транзиција на локално ниво и меѓусебно да се поддржуваат при создавање на одржлива иднина во корист на граѓаните.
Западниот Балкански регион сам по себе не е хомоген. Има земји како Црна Гора, која лани ги откажа плановите за изградба на термоелектрична централа на јаглен во Плевља и ќе мора да ја затворат единствената постоечка централа до 2023-та година (освен ако претходно не се усогласи со најновите стандарди за емисии), или Северна Македонија, што го разгледува исфрлувањето на јагленот до 2025-та година. Владите во овие земји изгледа сфатија дека употребата на јагленот станува ризична и дека треба веднаш да се презентираат и да се започне со работа на амбициозни патеки за транзиција.
Други земји пак, како Србија и Босна и Херцеговина, продолжуваат со својата тврдоглавост да активираат се повеќе и повеќе капацитети за јаглен – не помалку од шест нови термоелектрични централи на јаглен во БиХ и пет во Србија – триејќи ги рацете на можноста да добијат потенцијална финансиска поддршка за нивните региони за ископување на јаглен.
Ќе се соочат со големо разочарување, нешто како Полска и Романија кога фантазираа дека може да ги искористат фондовите за транзиција за да ја одржат во живот употребата на јаглен. Праведната транзиција во регионите со јаглен не функционира вака.
Земјите од регионот немаат потреба од лидери визионери за да започне праведната транзиција – визијата е веќе таму и е прилично јасна. Земјите од Западен Балкан имаат потреба од искрени одлучувачи, кои нема повеќе да ја проектираат идејата дека јагленот ќе биде тука секогаш бидејќи го има во големи количини во почвата, кои ќе го слушаат гласот на нивните заедници и ќе учат од земјите членки на ЕУ, кои веќе го почнаа новиот процес на транзиција. Секретаријатот на Енергетската заедница и неколку интернационални донатори се спремни да ги поддржат, а граѓанските организации ќе бидат таму да се уверат дека ова е демократски и партиципаторен процес.
Translated from English by Natasha Pehchevska